Закон за државните службеници

Законот за државните службеници е донесен во јули 2000 година. Со овој закон е направен огромен исчекор напред во утврдувањето на системот на државна служба, како и новиот статус на државен службеник во Република Македонија.

Законот за државните службеници е единствен клучен акт кој има за цел да создаде услови за развој на професионална, политички неутрална, компетентна, одговорна и стабилна државна служба, како ефикасен сервис на граѓаните.

Законот го утврди корпусот на државната служба и го дефинира поимот државен службеник, врз основа на два критериуми: организациски и функционален. Според првиот, тоа се вработените во органите на државата, а според вториот тоа се вработените кои ги спроведуваат функциите на државата. На тој начин е истакната спецификата на државните службеници како вработени на државата, преку регулирање на нивните права, обврски и одговорности.

Со други зборови, законот определи дека државни службеници ќе работат во трите гранки на државна власт, законодавна, извршна и судска, а подоцна е додадена и четвртата гранка, локалната власт. Ваквиот пристап, значеше утврдување на рестриктивен концепт на државна служба, со кој всушност се опфатени само околу 10% од вработените во јавната администрација во Македонија. Овој факт е сериозен проблем, имајќи во предвид дека воспоставените стандарди на професионална и компетентна админситрација, не се применети на останатите 90% од јавната админситрација. Институционалната рамка за поддршка на развојот на државната служба е воспоставена низ формирањето на самостоен орган на државната управа – Агенција за државни службеници, која е основана на 29 август 2000 година, со именувањето на првиот нејзин директор. Ваквиот статус на Агенцијата, набрзо е променет и таа добива статус на самостоен државен орган, кој за својата работа е одговорен пред Собранието на Република Македонија.

Со донесувањето на законот и неговите подзаконски акти, поставени се и основите на принципите и стандардите за општите акти за внатрешна организација и систематизација на работните места во органите на државната управа, како и описот на звањата и нивната соодветност во однос на дотогашните. Утвредени се начинот, постапката и критериумите на спроведувањето на постапката за вработување и посебно на спроведувањето на стручниот и приправничкиот испит, како значаен сегмент од постапката за вработување на државни службеници, како и постапките за нивно оценување и собирање и обработка на податоци за државните службеници, преку востановувањето на Регистарот на државните службеници.

Во досегашната примена, Законот претрпе десетина измени и дополнувања, од кои две се со поголем обем и претставуваа воведување на значителни подобрувања или новитети во државната служба.

Подолу се прикажани сите измени и дополнувања на законот, кои може да се преземат во (.pdf) облик.

Во функција на операционализација на Законот за државните службеници, во периодот од 2001 година до денес, донесени се повеќе подзаконски акти, како и нивни изменувања и дополнувања. Закон за државните службеници - консолидиран текст .pdf (9,41mb)