СТАТУС , НАДЛЕЖНОСТИ  И РАКОВОДЕЊЕ


Агенцијата е самостоен државен орган со својство на правно лице, со права, обврски и одговорности утврдени во Законот за административните службеници („Службен весник на РМ“ бр. 27/2014,  199/2014, 48/2015, 154/2015 и 05/2016)  кој започна со примена од 13 февруари 2015 година.

Со Агенцијата раководи директор, којшто има свој заменик, а истите ги именува и разрешува Собранието на Република Македонија, на предлог на Владата на Република Македонија за време од шест години. За својата работа и за работата на Агенцијата, директорот и заменикот одговараат пред Собранието на Република Македонија.

Агенцијата за својата работа, најдоцна до 31 март во тековната година, за претходната година, доставува годишен извештај до Собранието на Република Македонија.

                   Согласно Законот за административни службеници, Агенцијата е надлежна да ги врши следните работи:

-   објавување огласи за вработување на административни службеници;

-   организација на постапки за селекција на административни службеници;

- спроведување испит за административен службеник, испит за административно управување и тест на личност;

- водење евиденција на кандидати кои доставиле лажни докази во пријавата за вработување;

-  постапување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен; и

-  други работи утврдени со закон.

               Агенцијата може да учествува во постапката за унапредување на административни службеници, доколку во организационата единица надлежна за управување со човечки ресурси во институцијата во која се унапредува административниот службеник, има само еден вработен. Во таков случај, вториот член на комисијата е вработен во Агенцијата и истиот не е од редот на членовите на Комисијата која одлучува по жалби и приговори на административните службеници во втор степен.

Понатаму, доколку во институцијата од јавниот сектор во која се води дисциплинска постапка за административен службеник, нема седум вработени, останатите членови на дисциплинската комисија се определуваат од вработени во Агенцијата и истите не се од редот на членовите на Комисијата која одлучува по жалби и приговори на административни службеници во втор степен.

Исто така, согласно Законот за инспекциски надзор претставник на Агенцијата учествува во работата на дисциплинската комисија за утврдување дисциплинска одговорност на инспектор.


МИСИЈА

 

Мисијата на Агенцијата е да овозможи развој и одржливост на професионална и сервисно-ориентирана администрација, преку примена на нов пристап за  управувањето со човечките ресурси, заснован врз компетенции.

Оваа своја мисија Агенцијата ја остварува преку целосно и доследно спроведување на законската и подзаконската регулатива за административните службеници, согласно утврдените реформски текови во оваа област во Република Македонија.

   

ВИЗИЈА


                Агенцијата за администрација како самостоен државен орган, со квалитетот на услугите, ефективноста и ефикасноста во работењето, со своите кадровски, технички и ИТ капацитети е препознаена како институција од стратешко значење во процесот на создавање стручна и компетентна администрација во Република Македонија, на својот пат кон евро-атланска интеграција.    


ЦЕЛ


Целта на Агенцијата е да испорача професионални, ефикасни и навремени услуги на кандидатите за вработување, административните службеници, органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно Уставот и законите, на институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврдени со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.


ПРИОРИТЕТИ


Клучни приоритети на Агенцијата се:

-              Промовирање и развој на систем за селекција на кандидати за вработување на административни службеници, заснован врз компетенции, преку градење на стручна, професионална, отчетна, транспарентна и сервисно ориентирана администрација во институциите во јавниот сектор, со почитување на начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на зедниците кои што не се мнозинство во Република Македонија;

-              Обезбедување заштита на правата на административните службеници, кои произлегуваат од службеничкиот однос, одлучувајќи во втор степен по нивните жалби и приговори,  и

-              Јакнење на административните, просторните, ИТ и техничките капацитети на Агенцијата, преку надградба на постојните решенија и опрема.