Инвестицијата во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор

Директорот на Агенцијата за администрација, д-р Љубица Караманди Попчевски и државниот советник за правни работи во Агенцијата за администрација, Маријана Трипуновска учествуваа на првиот дел од најголемата програма за професионален развој на административни службеници во државата, која се одржа на 18.09.2025 година во хотелот Хилтон, Скопје, во организација на Министерството за јавна администрација.

На свеченото отворање, присуствуваа претседателот на Владата, проф. д-р. Христијан Мицкоски, бројни министри, претставници на дипломатскиот кор, претставници на меѓународните и граѓанските организации и останати гости. Свое обраќање имаа претседателот на Владата, проф. с-р. Христијан Мицкоски и министерот за јавна администрација, Горан Минчев кој истакна дека генеричките обуки се првиот чекор кон создавање професионална, етичка и одговорна администрација која работи во служба на граѓаните.

Генеричките обуки кои се спроведуваат под слоганот "Инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор" во првата фаза ќе опфати 1.000 службеници од различни институции. Првите обуки започнуваат во Скопје со учество на над 500 административни службеници кои ќе минат низ систематски и стандардизирани тренинзи.


Агенцијата за администрација е една од клучните институции во државата која преку примената на најважните закони од областа на администрацијата учествува во одржување и развој на професионална, политички-неутрална, сервисно-ориентирана и одговорна администрација.

Согласно надлежностите од новиот пакет на закони (новиот Закон за административни службеници и новиот Закон за вработените во јавниот сектор) Агенцијата за администрација ќе биде орган во состав на Министерството за јавна администрација и како таква институција, ќе биде директно вклучена во реформата на јавна администрација, со што уште повеќе ќе придонесе во развојот на посилна и модерна администрација, во насока на градење на посилна и поуспешна држава за сите нас.

Агенцијата за администрација ги поздравува заложбите на Министерството за јавна администрација и на државата во инвестирање на знаењето на административните службеници и е отворена за понатамошна соработка со цел унапредување на целокупниот процес на реформата на јавната администрација.