ИСТОРИЈАТ
Создавањето стручна, професионална, отчетна, политички неутрална, транспарентна и сервисно-ориентирана администрација, со што би се поддржале аспирациите за пристапување на Република Македонија кон Европската унија беше главна цел на Стратегијата за реформа на јавната администрација од 1999 година.
Предуслов за остварување на оваа цел беше донесувањето на законска рамка и воспоставување на соодветна институционална структура, како и процеси кои ќе овозможат развој на демократско општество и пазарна економија.
Оттука, Собранието на Република Македонија во 2000 година донесе пакет реформски закони, меѓу кои и Законот за државните службеници со кој за првпат се регулираше службеничкиот однос и се основаше нов државен орган, одговорен за воведување и промовирање на единствен и конзистентен систем на државна служба во Република Македонија.
На 29 август 2000 година со назначување на првиот директор, започна со работа Агенцијата за државни службеници, како орган на државната управа. За кратко време, поточно во 2001 година, статусот се трансформираше во самостоен државен орган, каков што е и денес.
Агенцијата за државни службеници во тој период имаше 4 основни функции:
1. Независна заштита и грижа за законодавството наменето на државната служба и принципите на кои е засновано, вклучувајќи негова доследна примена;
2. Креирање единствена управувачка рамка за развој и управување на државните службеници, вклучувајќи дефинирање на услови за вработување, описи на работни места, оценување и одговорност на државните службеници, етички кодекс, плати и надоместоци, како и стручно усовршување и обука;
3. Развивање механизам за селекција и вработување на државни службеници; и
4. Заштита на правата на државните службеници, преку одлучување во втор степен по жалби и приговори на државните службеници.
Под тој назив и со тие надлежности, Агенцијата за државни службеници постоеше сѐ до крајот на 2010 година, а од јануари 2011 година продолжи да работи како Агенција за администрација, со надлежности утврдени во Законот за државните службеници и Законот за јавните службеници.
Согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 167/2010), Агенцијата ги спроведуваше следните надлежности:
- давање писмена согласност на актите за внатрешна организација и систематизација на работните места на органите на државната служба;
- организирање и спроведување постапка за селекција и вработување на државен службеник;
- одлучување по жалби и приговори на државните службеници, како второстепен орган; и
- други работи утврдени со закон.
Во Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 52/2010) надлежностите на Агенцијата се проширија со нејзино вклучување во :
- постапката за селекција и вработување на јавен службеник; и
- обезбедување заштита и одлучување за правата и обврските на јавните службеници.