СТАТУС , НАДЛЕЖНОСТИ  И РАКОВОДЕЊЕ


Агенцијата е самостоен државен орган со својство на правно лице, со права, обврски и одговорности утврдени во Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014,  199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016 и 11/2018) кој започна со примена од 13 февруари 2015 година.

Со Агенцијата раководи директор, којшто има свој заменик, а истите ги именува и разрешува Собранието на Република Северна Македонија, на предлог на Владата на Република Северна Македонија за време од шест години. За својата работа и за работата на Агенцијата, директорот и заменикот одговараат пред Собранието на Република Северна Македонија.

Агенцијата за својата работа, најдоцна до 31 март во тековната година, за претходната година, доставува годишен извештај до Собранието на Република Северна Македонија.

               Согласно Законот за административни службеници, Агенцијата е надлежна да ги врши следните работи:

-   објавување на огласи за вработување на административни службеници;

-   организација на постапки за селекција на административни службеници;

-  постапување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен;

- спроведување на испитот за административен службеник и испитот за административно управување;

- водење на евиденција на кандидати кои доставиле лажни докази во пријавата за вработување и

-  други работи утврдени со закон.

Покрај ова, согласно Законот за административни службеници, Агенцијата може да организира, координира и спроведува постапки на селекција и за вработени во јавниот сектор кои немаат статус на административни службеници, за што на институциите може да им наплати надоместок.

Директорот на Агенцијата има законска надлежност да формира Комисија за ревизија на постапката за селекција на административните службеници.

При спроведување на постапките за унапредување, во Комисијата за селекција за унапредување еден од членовите е административен службеник од Секторот за селекција на кандидати за вработување во Агенцијата.

Понатаму, доколку во институцијата од јавен сектор во која се води дисциплинска постапка за административен службеник нема седум вработени, останатите членови на дисциплинската комисија се определуваат од вработени во Агенцијата и истите не се од редот на членовите на Комисијата која одлучува по жалби и приговори на административни службеници во втор степен.

Исто така, согласно Законот за инспекциски надзор, еден член на Комисијата за спроведување на дисциплинска постапка за инспектор е од редот на вработените во Агенцијата.


МИСИЈА

 

Мисијата на Агенцијата е да овозможи развој и одржливост на професионална и сервисно-ориентирана администрација, преку организација на постапките за селекција на кандидатите за административни службеници, спроведување на испитот за административно управување и остварување на правната заштита на административните службеници во втор степен.


   

ВИЗИЈА


Агенцијата како самостоен државен орган е една од институциите од стратешко значење за реформата на јавната администрација, која во процесот на создавање и одржливост на стручна и компетентна администрација во Република Северна Македонија е препознаена и прифатена по својот висок интегритет, професионализам, непристрасност, објективност, транспарентност и сервисната ориентираност.


ЦЕЛ


Целта кон која се стреми Агенцијата при остварување на своите функции е да испорача професионални услуги на граѓаните, административните службеници, институциите на јавниот сектор, како и на сите други заинтересирани страни, имајќи го во предвид домашниот општествен контекст, но и во согланост со стандардите и начелата на Европскиот административен простор.


ПРИОРИТЕТИ


Клучни приоритети на Агенцијата се:

- Унапредување и спроведување на постапката за селекција на кандидати;

-  Развој на стручни и професионални раководни административни службеници и

-  Промовирање и развој на квалитетна правна заштита на правата на административните службеници во втор степен.